УПАТСТВО ЗА ИЗРАБОТКА НА СЕМИНАРСКА РАБОТА

Семинарските работи по предметот Математичка географија може да бидат во текстуален формат, во вид на презентација (Power Point идр.) или како фотографско-графички и видео материјал на ДВД-ЦД медиум.

Во случај на мултимедијална презентација, задолжително следи и краток текстуален додаток со кој се објаснети содржините во презентацијата.

Семинарската работа се изработува од еден студент, но доколку е покомплексна, содржајно поврзана и комбинација на текстуално-мултимедијален формат, може да ја работат двајца студенти.

Текстуална (класична) семинарска работа

Овој тип на семинарски работи се изготвуваат врз основа на дадена литература, мултимедијални, интернет, графички и други извори на податоци. Во зависност од зададената тема, се врши избор на најсоодветен материјал кој ќе биде користен (цитиран или преведен). При тоа задолжително се даваат и свои забелешки, констатации и размислувања, барем во воведниот и заклучниот дел на семинарската работа. 

Текстуалните семинарски работи се изработуваат во соодветна компјутерска програма (MS Word, Free Word), при што:

Форматот на страницата треба да биде А4, а маргините: горе 2.5 см, лево 3 см, десно 2.6 см, доле 3 см; Страниците треба да бидат нумерирани во долниот или горниот десен агол. Вкупниот број на страници не треба да биде помал од 15 ниту поголем од 25 вклучувајќи ги графичките прилози, насловната страница и др. Само текстот без прилозите, треба да учествува со најмалку 50% во вкупниот материјал или најмалку 7 страници. Семинарските работи треба да бидат еднострани.

Семинарските работи треба да се изготват со користење на кириличен (македонски) фонт (MAC C Times, Macedonian Tms) или македонска подршка, при што големината на фонтот да биде 12pt; Проредот треба да биде единечен или 1,5 (single spacing; 1,5 spacing), а помеѓу пасусите двоен (double spacing). Текстот треба да биде израмнет од двете страни (justify). Секој пасус треба да започнува со нов ред, вовлечен за една табулација или 8 места.

Семинарската работа треба задолжително да ги содржи следните делови: Насловна страница, Содржина, Вовед, Главен дел, Заклучок, Литература т.е. извори на податоци и по потреба Прилози.

Насловната страна треба да содржи назив на научната институција, наслов на темата, име на кандидатот и датум на изработка. Насловот на темата треба да се наоѓа во средишниот дел и да биде истакнат со покрупни болд букви фонт 18pt.

Пример:

 

УНИВЕРЗИТЕТ ``СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ`` СКОПЈЕ

ПРИРОДНО-МАТЕМАТИЧКИ ФАКУЛТЕТ

ИНСТИТУТ ЗА ГЕОГРАФИЈА

 

 

 

 

 

 

СОНЧЕВ СИСТЕМ

-СЕМИНАРСКА РАБОТА-

 

 

 

 

 

 

 

 

                                                                                                                           ИЗРАБОТКА:

                                                                                                                      ПЕТРОВСКА ИВАНА

Скопје, 2007 година

 

Следната (втора) страница, треба да биде идентична на првата, со тоа што во левиот долен агол (во истиот ред со зборот ИЗРАБОТКА), треба да стои МЕНТОР, а еден ред подолу името на менторот со неговите титули (пример: Д-Р ИВИЦА МИЛЕВСКИ).

Следна (трета) страница е содржината во која се наведени насловите, поднасловите и соодветната страница на која се наоѓаат. Содржината треба да се работи во табела, без да се гледаат линиите од табелата.

Понатаму следи воведот, во кој се објаснува за што се однесува семинарската работа, зошто е избрана таква тема, од каква област е темата, кој е мотивот за избор на темата и сл. Воведот треба да биде најмалку 8-10 реда, а најмногу една страница.

По воведот доаѓа главниот дел на семинарската, со разработени наслови и поднаслови кои се болдирани (истакнати со црни букви). Овој дел може да содржи графички прилози, фотографии, табели и сл., кои го дообјаснуваат текстот. Истите треба да бидат така поставени што ќе се прилагодени на страницата (нема да останува значителен празен простор). Графичките прилози треба да бидат најблиску до делот од текстот на кој се однесуваат, но може да се ставени и на крајот на семинарската работа како ПРИЛОЗИ. Под секоја фотографија или график (во средина) или над секоја табела (од левиот почеток) треба да стои легенда, пример: Табела 3: Основни податоци за планетите во Сончевиот систем.

Фуснотите треба да се означуваат со редни броеви, а големината на фонтот треба да изнесува 10pt.

Секоја реченица, текст, слика и др., што се превземени од некоја литература, од интернет или друг извор на податоци треба да се цитираат, така што на карајот од превземениот текст во заграда се става презимето на оригиналниот автор и година на издавање на публикацијата. Пример: . . . (Петковски, 1996). Цитираните делови мора да се наведени во Литературата на крајот од семинарската работа. Доколку е превземен текст од интернет т.е. веб страница, мора да се наведе адресата на веб страницата и датумот на превземањето, пример: (www.astronomija.co.yu, 12.10.2006).

Заклучокот обично доаѓа по главниот дел на семинарската во вид на сопствени констатации за темата, свои размислувања, забелешки и предлози. Овде се дава и кратка синтеза на целиот материјал, а се потенцираат главните елементи т.е. суштината на темата.

На крајот е делот за литература, каде се наведени сите користени и цитирани извори на информации и тоа во оригинална форма (на кирилица или на латиница). Наведувањето е по азбучен ред на презимињата на авторите. На крај исто така по азбучен ред се наведени веб страниците кои се користени и датумот кога се превземени податоците од страницата.

Пример:

1.  Андоновски Т. (1993): Математичка географија, Универзитетски учебник Скопје

2.  Вељановски Б., Стојановски Н. (1996): Сонцето како ѕвезда. Нашето Сонце, Струга

3.  www.astronomija.co.yu (12.10.2006): tema Suncev Sistem

На крајот може да се постават додатоци т.е. ПРИЛОЗИ со фотографии, графици, дијаграми, табели и други елементи.

Во семинарската работа особено внимание треба да се води за граматиката, за проверка и отстранување на технички грешки и сл.

Семинарската работа треба да биде испечатена во 2 примероци од кои едниот останува кај студентот, а другиот примерок кај менторот. Исто така, потребно е да се достави електронска верзија на семинарската на дискета или ЦД медиум. Електронската верзија може да се испрати и по е-маил до предметниот асистент или наставник.

Печатената верзија треба да биде укоричена, естетски средена и репрезентативна.